Израел верува дека една третина од заложниците што останале во Газа, според денешните податоци на владата, загинале, а некои официјални лица сметаат дека бројот е уште поголем.
Од околу 250 луѓе киднапирани од Хамас во Израел и одведени во Појасот Газа за време на нападот на 7 октомври, околу педесет од нив беа ослободени во ноември како дел од договорот меѓу двете страни. Израелската армија ослободи некои од нив, а некои најде мртви.
Владата објави дека 120 луѓе се уште се во рацете на Хамас, од кои 43 биле прогласени за мртви врз основа на различни извори на информации, вклучувајќи разузнавачки информации, снимки од надзор и форензички анализи. Некои од официјалните лица приватно веруваат дека бројот на загинати е поголем, пишува агенцијата Ројтерс.
На почетокот на израелската офанзива, Хамас се закани дека ќе ги убие заложниците како одмазда за израелските воздушни напади, а во меѓувреме милитантната група објави дека некои од нив биле убиени во израелските напади.
Израел не исклучи дека тоа е можно во поединечни случаи, но најави и дека на телата на пронајдените заложници имало знаци на егзекуција. Вчера на списокот на убиени се додадени уште четворица заложници.