Израел возврати на нападите со ракети кон Либан и Газа

by Фокус

Израел го нападна јужен Либан рано утринава и продолжи да бомбардира цели во Појасот Газа, сигнализирајќи поголема ескалација во регионот по овонеделните насилства во Ерусалим.

Израелската војска соопшти дека погодила три локации на Хамас во јужен Либан и повеќе од 10 цели во Појасот Газа, откако од полноќ биле истрелани 44 ракети врз еврејската држава од палестинската енклава. Еден од нив паднал во близина на градот Сдерот.

Размената на ударите доаѓа во време кога Евреите ја слават Пасха, а муслиманите го празнуваат светиот месец Рамазан. Во 2021 година, ескалацијата предизвикана од судирите во џамијата Ал Акса во Ерусалим доведе до 11-дневна војна меѓу Израел и Хамас кои управуваат со Газа.

Нападите во јужен Либан денеска се случија еден ден откако милитантите од таму истрелаа повеќе од 30 ракети врз Израел, при што беа повредени две лица и причинета материјална штета.

По размената на удари, мировната мисија на ОН во јужен Либан соопшти дека Израел и Либан не сакаат војна. Тие додаваат дека се во контакт со двете земји, кои официјално се во војна. Тие ги повикаа на запирање на нападите.

Њујорк Тајмс истакна дека насилството се смета за најлошо долж израелско-либанската граница од 2006 година, кога Израел водеше војна против либанската милитантна група Хезболах, поддржана од Иран, и го зголеми ризикот од поширок конфликт меѓу Израел, палестинските групи и нивните сојузници.

Вашингтон пост, исто така, забележува дека прекуграничната ескалација доаѓа во време на невидена политичка нестабилност во Израел и зголемено насилство на Западниот Брег.

Новата десничарска влада на Нетанјаху е потресена од повеќемесечни масовни протести поради неговите напори да ги ослаби овластувањата на Врховниот суд на земјата, пишува весникот.

Некои од најгласните критичари на премиерот беа високи претставници на одбраната, кои постојано предупредуваа дека притисокот за судски реформи ќе ја поткопа подготвеноста на војската.

Тензиите во Израел продолжуваат да бидат исклучително високи откако беше објавена снимка на која се гледа како израелските сили брутално тепаат Палестинци кои лежат на земја во џамијата Ал Акса во Ерусалим во вторникот вечерта.

Поврзани новости