Израел следната недела пред меѓународниот суд поради обвинувањата на ЈАР за геноцид

by Fokus

На 11 и 12 јануари, Израел ќе одговори на обвиненијата за геноцид пред меѓународен суд за прв пат од почетокот на инвазијата на Појасот Газа, откако Јужноафриканската Република започна процес пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) на Обединетите Нации.

Судот во Хаг вчеравечер го објави распоредот на рочиштата. Јужноафриканската Република (ЈАР) ќе го изнесе своето обвинение на 11-ти, а Израел ќе се брани на 12-ти. Двете страни ќе добијат по два часа.

ЈАР, повикувајќи се на Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид, во петокот поднесе документ во кој на осумдесет страници објаснува зошто верува дека Израел врши геноцид во палестинската енклава. Двете земји се потписнички на Конвенцијата.

JAR бара судот веднаш да дејствува и да нареди прекин на насилството врз Палестинците. Оваа африканска земја смета дека израелските напади се од „геноциден карактер“, бидејќи нивната цел е уништување на Палестинците во областа.

Документот вклучува обвинувања за злосторства извршени од израелската армија врз Палестинците, како и изјави на израелското раководство кои наводно укажуваат на намера за геноцид. Лиор Хајат, портпарол на израелското Министерство за надворешни работи, ги отфрла обвинувањата.

„Израел со гадење ја отфрла крвната клевета што Јужноафриканската Република ја шири со овој апел“ до МСП, напиша тој минатата недела на X. „На тужбата и недостасуваат фактички и правни основи“, напиша тој, додавајќи дека судот и меѓународната заедница треба „целосно да ги отфрлат“ неоснованите тврдења на ЈАР.

Хајат тврди дека само Хамас е одговорен за страдањата во Газа и дека Израел прави се што може за да ги минимизира страдањата на цивилното население.

 

Поврзани новости