Израел се соочи со зголемена дипломатска изолација во војната против Хамас откако Обединетите нации побараа итен хуманитарен прекин на огнот во Газа, а американскиот претседател Џо Бајден му рече на долгогодишниот сојузник дека неговото „недискриминирачко“ бомбардирање на цивили штети на меѓународната поддршка.
Откако претставниците на ОН предупредија на продлабочување на хуманитарната криза во Газа, 193-членото Генерално собрание на ОН донесе резолуција со која се бара прекин на огнот, а за него гласаа три четвртини од земјите-членки.
– Цената на поразот на Хамас не може да биде постојаното страдање на сите палестински цивили – истакнаа одделно лидерите на Канада, Австралија и Нов Зеланд во заедничката изјава во која повикуваат на прекин на огнот.
Палестинските власти ја поздравија резолуцијата и ги повикаа земјите да извршат притисок врз Израел да се усогласи.
Протераниот функционер на Хамас Изат Ел-Решик ја повтори таа реакција во изјавата на Телеграм, велејќи дека Израел треба „да престане со својата агресија, геноцид и етничко чистење врз нашиот народ“.
САД и Израел, кои тврдат дека прекинот на огнот му користи само на Хамас, гласаа против мерката заедно со уште осум земји.
Пред гласањето во ОН, израелскиот амбасадор во ОН Гилад Ердан рече:
„Примирјето значи едно и само едно – обезбедување опстанок на Хамас, обезбедување опстанок на геноцидните терористи кои се посветени на уништување на Израел и Евреите“.
Пред резолуцијата, Бајден рече дека Израел сега ја има поддршката од „поголемиот дел од светот“, вклучувајќи ги САД и Европската унија за неговата борба против палестинската милитантна група Хамас.
– Но, тие почнуваат да ја губат таа поддршка со неселективното бомбардирање што се случува, рече тој на донаторски настан во Вашингтон.