Срамота е што западните земји, кои секогаш се залагаат за човекови права и слободи, молчат за масакрот во Палестина, изјави денеска претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган.
– Од витално значење е да се доставува гориво до местата на кои итно им е потребно, особено болниците во Газа – рече Ердоган во говорот на вонредниот заеднички исламско-арапски самит во Ријад, пренесе Анадолија.
Тој рече дека во рамките на Организацијата за исламска соработка треба да се формира фонд за обнова на Газа. Ердоган истакна дека се додека се игнорира палестинското прашање, напорите за нормализирање на регионот се осудени на пропаст.
– Подготвени сме да ги направиме потребните напори, меѓу другото, како гарант, за да го зачуваме мирот што ќе се воспостави – рече тој и додаде дека Ерусалим е црвена линија.
– Нашата желба е Ерусалим, познат како град на мирот, и сите палестински земји да се вратат на своите поранешни денови – рече Ердоган.
Според него, израелската администрација, која се однесува како разгалено дете на Западот, е должна да ја надомести штетата што ја предизвикала.
Ердоган изјави дека треба да се истражи постоењето на нуклеарно оружје, чие постоење го признаа и израелските министри, а доколку постои, да се откријат оние кои ја избегнале меѓународната контрола.
– Она што ни треба во Газа не се паузи од неколку часа, потребен ни е траен прекин на огнот – рече Ердоган, пренесе Ројтерс.
Тој нагласи дека треба да се свика меѓународна мировна конференција за да се најде трајно решение за конфликтот меѓу Израел и Палестинците.