Израел продолжува со офанзивата, повеќе од 17.700 Палестинци загинаа

by Fokus

Израелските одбранбени сили (ИДФ) продолжуваат со операциите во Појасот Газа на 65-тиот ден од војната. Тие работат во сите делови на енклавата, од копно, море и воздух. Палестинските власти го обвинија Израел дека продолжува да бомбардира делови од Газа каде на цивилите им било кажано да бегаат.

Француската морнарица собори два дрона над Црвеното Море во близина на брегот на Јемен, соопшти армијата на таа земја.

„Повеќенаменската фрегата на француската морнарица Лангедок собори два беспилотни летала кои полетаа директно кон неа од јеменскиот брег“, се вели во соопштението.

Јеменските Хути во изминатите неколку дена отворија оган врз израелски, американски и британски бродови во Црвеното Море, а американската војска објави дека соборила неколку нивни проектили.

Воениот портпарол на јеменската бунтовничка група ги предупреди сите бродски компании да не соработуваат со Израел, за да не бидат цел на напади во Црвеното Море.

Во текот на ноќта израелските сили продолжија со нападите врз Џабалија во северниот дел на Појасот Газа и Кан Јунис на југот од областа, јавуваат палестинските медиуми.

Израелската армија претходно ги повика палестинските цивили да го напуштат поголемиот дел од областа околу градот Кан Јунис поради жестоките борби што се водат, пренесува Ројтерс.

Министерството за здравство во Газа во саботата објави дека 17.700 Палестинци се убиени во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври досега.

Според нивните изјави, околу 45 отсто од жртвите се деца, а неколку десетици илјади луѓе се повредени.

Поврзани новости