Израел продолжи со нападите врз Газа и покрај повиците за прекин на огнот

by Fokus

Израелската армија денеска нападна неколку области во Појасот Газа, вклучително и Рафах, еден ден по итниот апел на меѓународните посредници до Израел и до палестинскиот исламистички Хамас за мировен договор за ставање крај на повеќе од седуммесечната војна.

На југот на Газа хеликоптери „Апачи“, според очевидци, отвориле оган врз центарот на Рафа, а цел биле и јужните и западните делови на градот.

На север, градот Газа беше нападнат од воздух, при што загинаа тројца Палестинци, меѓу кои една жена и едно дете, во бомбардирањето што го уништи нивниот дом во населбата Ал Дарај, изјави болнички извор .

Израелската војска објави дека спроведува целни операции во Рафа и во центарот на Газа и дека „30 терористички цели, вклучувајќи магацини за оружје и вооружени ќелии“ биле мета во изминатите 24 часа.

Непријателствата не престануваат и покрај итните повици за прекин на огнот, а според Министерството за здравство на Хамас, досега во Појасот Газа загинале најмалку 36.439 лица.

Посредниците во преговорите за примирје, Катар, САД и Египет, заеднички ги повикаа Хамас и Израел денеска да го финализираат договорот врз основа на принципите презентирани од американскиот претседател Џо Бајден.

Вчера, Бајден претстави таканаречена мапа на патиштата со цел да се постигне траен прекин на огнот во фази и под одредени услови.

 

Поврзани новости