Началникот на Генералштабот на израелската армија, генерал-полковник Херзи Халеви денеска изјави дека се подготвува копнена офанзива против Хезболах во Либан, заканувајќи се со „силен одговор“ на ракетата истрелана кон Тел Авив.
Халеви им рече на војниците на 7-та оклопна бригада за време на симулирана копнена офанзива во Либан дека „можете да ги слушнете авионите, ние напаѓаме цел ден за да ја подготвиме областа за можноста да влезете во Либан и исто така да продолжите да го напаѓате Хезболах“.
Тој порача дека Хезболах денеска го проширил опсегот на огнот, пренесоа израелските медиуми.
-Подоцна денеска ќе добијат многу силен одговор, најави Халеви откако Хезболах утрово истрела ракета во централен Израел. Проектилот бил пресретнат и нема извештаи за жртви или материјална штета.
-Денес ќе продолжиме, не застануваме, продолжуваме да напаѓаме и продолжуваме да напаѓаме насекаде. Нашата цел е многу јасна, безбедно враќање на жителите на север, изјави началникот на Генералштабот на израелската армија (ИД).
-За да го направиме тоа, подготвуваме маневар, додаде тој.
Израел тврди дека цели на борците на Хезболах и складишта за оружје, а либанските власти велат дека израелската војска погодува цивилни локации.
Организацијата за човекови права Хјуман рајтс воч соопшти дека израелските воздушни напади во Либан низ целата земја ги ставаат цивилите во сериозна опасност и повика на истрага на ОН за Либан и ракетниот истрел на Хезболах врз северна израелска територија.
Организацијата документирала повеќе од 1.000 израелски напади во Либан, откако израелската војска објави нова фаза во конфликтот со Хезболах, кој истрела повеќе од 200 ракети врз градовите во северниот дел на Израел.
Организацијата оцени дека во израелските предупредувања за евакуација во рок од два часа од исток кон југ на Либан, не било дадено соодветно време за бегство, а тоа би можело да се граничи со кршење на меѓународното право, пренесе Асошиејтед прес.