Одбранбените сили на Израел тврдат дека тројца израелски заложници во Газа по грешка биле идентификувани како закана и убиени.
-За време на борбите во Шеџаја во северниот дел на Газа, ИДФ по грешка идентификуваше тројца израелски заложници како закана. Како резултат на тоа, војниците пукаа кон нив и тие беа убиени – изјави портпаролот на ИДФ Даниел Хагари на денешниот брифинг.
За време на претресите и проверките во областа каде што се случи инцидентот, додаде тој, се појавија сомнежи за идентитетот на починатите лица.
-Нивните тела беа пренесени на израелска територија за испитување, по што беше потврдено дека станува збор за тројца израелски заложници – рече Хагари.
Министерот за воен кабинет Бени Ганц напиша на X дека му е „скршено срцето“ од веста дека војниците по грешка убиле тројца заложници.