Израел објави: Нападот на Бејрут започна

by Fokus

Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска попладне објавија дека започнал воздушен напад врз Бејрут, главниот град на Либан. ИД наведе дека подоцна ќе открие повеќе детали, пренесува CNN.

Израелската војска вети дека ќе ги „забрза офанзивните операции“ откако започна опсежни воздушни напади насочени кон милитантната група Хезболах.

„Хезболах не смее да добие пауза. Ќе продолжиме да работиме со полна сила, ќе ги забрзаме офанзивните операции денеска. Ситуацијата бара континуирана силна акција во сите области“, најави претходно Херзи Халеви, началник на Генералштабот.

Израелските напади врз Либан се интензивираа во последните денови, а Министерството за здравство на Либан во вторникот објави дека од понеделникот во израелските напади загинале 558 луѓе, а 1.835 се повредени, што е најсмртоносниот ден во Либан од крајот на граѓанската војна во 1990 година.


Израел претходно објави дека неговите сили во текот на ноќта погодиле десетици цели на Хезболах во јужен Либан, јавува Би-Би-Си.

Во исто време, илјадници луѓе ги напуштаат своите домови во јужен Либан.

Авиокомпаниите вклучувајќи ги Катар ервејс, Бритиш ервејс и Луфтханза ги откажаа сите летови до и од регионот.

Поврзани новости