Израел не и дал никакви гаранции на американската администрација дека нема да ги таргетира иранските нуклеарни постројки како одмазда за неодамнешниот ракетен напад на Иран, изјави за Си-eн-ен неименуван висок претставник на Стејт департментот.
Официјалниот претставник додаде дека е „навистина тешко да се каже“ дали Израел ќе возврати на иранскиот напад на годишнината од нападот на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел, но дека тој верува дека одмаздата најверојатно ќе се случи пред или после тој ден.
Тој истакна дека САД речиси една година се ангажираат да спречат конфликтот во Појасот Газа да се претвори во поголема регионална војна, но и покрај тоа регионот на Блискиот Исток сега е на работ на војна.
Американските власти изразија поддршка за одговорот на Израел на иранскиот ракетен напад во вторникот, истовремено изразувајќи загриженост поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.
Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави претходно оваа недела дека САД нема да го поддржат Израел да ги таргетира иранските нуклеарни локации.
Бајден во петокот рече дека американските власти се во контакт со нивните израелски колеги „12 часа на ден“ за да разговараат за опциите за одговор на нападот на Иран врз Израел.
Американскиот заменик државен секретар Курт Кембел во средата изјави дека основната порака на САД е дека треба да бидат внимателни во сите дејствија што ќе бидат спроведени против Иран.
Иран во вторникот лансираше повеќе од 180 ракети кон Израел, велејќи дека тоа е одмазда за убиствата на лидерите на Хезболах и Хамас, како и за агресијата во Газа и Либан. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека Иран ќе „плати“ за нападот.