Додека Израел продолжува со воздушните напади врз позициите на Хезболах во Либан и најавува можна копнена офанзива, 12 сојузнички земји, предводени од Америка, повикуваат на тринеделен прекин на огнот.
Во заедничката изјава, Америка, Велика Британија и некои земји од Европската унија повикаа на 21-дневна пауза во борбите во Либан со цел да се „постигне дипломатски договор“, кој исто така ќе доведе до прекин на непријателствата во Појасот Газа кои траат речиси една година.
Конфликтите претставуваат „неприфатлив ризик од поширока регионална ескалација“ што не е во интерес ниту на народот на Израел, ниту на Либан, додаваат тие.
Заедничката изјава на западните сојузници дојде еден ден откако израелскиот воен командант им порача на војниците да се подготват за можна копнена инвазија на Либан.
„Целта е многу јасна – безбедно да се вратат жителите на северниот дел на Израел“, изјави генерал-полковник Херзи Халеви, командант на израелската армија.
За време на претходните денови од најголемиот конфликт меѓу Израел и Хезболах во последните децении, стотици луѓе загинаа, меѓу кои и деца, а според ОН, само од понеделникот, 23 септември, повеќе од 90.000 луѓе се раселени во Либан.
Додека светот повикува на воздржаност во страв од можна сеопфатна војна на Блискиот Исток, Израел продолжи со нападите врз Либан, а според израелските власти, досега се погодени повеќе од 2.000 цели на Хезболах.
Во средата, на 25 септември, Хезболах истрела балистичка ракета кон израелската престолнина Тел Авив, за првпат досега.
Израелскиот противвоздушен систем ја пресретна ракетата, а официјални лица велат дека нема жртви.
Одредени земји, како Велика Британија, ги повикаа своите граѓани веднаш да го напуштат Либан.
Во речиси една година прекугранични борби меѓу Израел и Хезболах предизвикани од војната во Газа, стотици луѓе, главно членови на Хезболах, загинаа, а десетици илјади се раселени од двете страни на границата.
Хезболах рече дека дејствува како поддршка на Хамас и дека нема да запре додека не дојде до прекин на огнот во Газа.
И Хамас и Хезболах се поддржани од Иран и се означени како терористички организации од Израел, Велика Британија и други земји.
Засега нема индикации дека Израел или Хезболах се заинтересирани за повлекување.
Израел повика уште резервисти и и порача на армијата да биде подготвена за можна копнена офанзива.
Имаше шпекулации дека тој може да започне инвазија на јужен Либан за да ја уништи инфраструктурата што ја користи Хезболах и да ги турка неговите борци подалеку од границата.
Израелските воени претставници велат дека офанзивата треба да продолжи и мора да се направи повеќе за значително да се ослабне Хезболах.