Началникот на израелскиот Генералштаб Херзи Халеви денеска најави дека операциите во Појасот Газа ќе се прошират „во други области“.
-Блиску сме до уништување на воениот систем во Појасот Газа. Што се однесува до нас – ќе продолжиме во други области. Иако има уште работа, успешно се справуваме со поставените задачи. Командантите на радикалната палестинска организација „Хамас“ мора систематски да бидат ликвидирани, а нејзината инфраструктура да биде уништена. За таа цел ќе бидат напаѓани се повеќе области – рече Халеви за време на посетата на војниците во Газа.
Во меѓувреме, американскиот претседател Џозеф Бајден и емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад ал-Тани, телефонски разговараа за итната потреба Хамас „без одлагање“ да ги ослободи заложниците земени за време на нападот врз Израел на 7 октомври, соопшти Белата куќа.
Двајцата лидери разговараа и за „постојаните напори за зголемување на испораката на многу потребната хуманитарна помош во Газа“.