Конфликтот меѓу израелската армија и Хамас влезе во својот 77-ми ден.
Обединетите нации предупредуваат дека војната меѓу Израел и Хамас ја турка Газа кон глад. По неколку одложувања оваа недела, се очекува предлог-резолуцијата за зголемување на помошта за палестинската територија, но не и повикување на прекин на огнот во Газа, денеска да се најде пред Советот за безбедност на ОН.
Израел му понуди на Хамас еднонеделна пауза во непријателствата во замена за ослободување на 35 заложници, јавува Си-Ен-Ен.
Израел е подготвен за двонеделно примирје во Газа во замена за ослободување на десетици заложници држени во енклавата, пренесува Макан 33.
Руското Министерство за вонредни ситуации денеска соопшти дека руски хуманитарен авион е испратен до жителите на Газа на египетскиот аеродром Ал Ариш: помошта вклучува 20 тони медицински и здравствени материјали, храна, ќебиња, облека и друго.
Портпаролот на израелската војска (ИДФ) Даниел Хагари изјави дека од завршувањето на привремениот прекин на огнот на 1 декември, повеќе од 2.000 оперативци на Хамас се убиени во Појасот Газа.
„Го зголемивме бројот на војници кои се борат во источниот дел на Кан Јунис и таму се бориме решително, со акцент на подземните борби“, рече Хагари на прес-конференција, пишува „Тајмс оф Израел“.
Тој додаде дека на северот на Израел, либанскиот Хезболах „го претвори јужен Либан во борбена зона и продолжува да ја загрозува иднината на целата држава Либан“.
„Ќе продолжиме да работиме на оддалечување на Хезболах од израелската граница“, рече Хагари.
Обединетите нации предупредуваат дека војната меѓу Израел и Хамас ја турка Газа кон гладување, пред очекуваното денешно гласање во Советот за безбедност за резолуција за зголемување на помошта за палестинската територија, но не и повик за прекин на огнот.
Целото население на Газа се соочува со „непосредна опасност од глад“, соопштија ОН во четвртокот, истакнувајќи дека „повеќе од половина милион луѓе се соочуваат со катастрофални услови“.
„Со недели предупредуваме дека со такво лишување и уништување, секој изминат ден само ќе донесе повеќе глад, болести и очај кај луѓето во Газа“, објави шефот за хуманитарна помош на ОН, Мартин Грифитс на социјалните мрежи.