Муслиманските верници ќе можат да се молат на Планината на храмот во Ерусалим во ист број како и претходните години за време на Рамазан, соопшти израелската влада.
Во екот на војната во Газа, израелската влада прецизираше дека бројот на верници на кои им е дозволено да дојдат на Планината на храмот ќе се проценува секоја недела врз основа на безбедносните критериуми.
Десетици илјади верници доаѓаат таму да се молат за време на светиот муслимански пост месец Рамазан, кој започнува на 10 или 11 март.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека израелските власти ќе направат се што е можно за да им овозможат на верниците слободно да се молат на Планината на храмот и да им дозволат на муслиманите да го слават Рамазан, земајќи ги предвид безбедносните прашања.
Планината на храмот е третото најсвето место во исламот и најсветото место во јудаизмот.
Иако со тоа свето место управува Јордан, Израел воведува ограничувања, односно правила за бројот на верниците или нивната возраст.
Контекстот е особено напнат оваа година бидејќи војната во Газа се води меѓу Израел и Хамас, по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври.
Египетските, американските и катарските посредници се обидуваат да постигнат компромис меѓу Израел и Хамас за да се воспостави примирје во Појасот Газа пред почетокот на Рамазан.
Американскиот претседател Џо Бајден предупреди денеска на „многу опасна“ ситуација, особено во Ерусалим, доколку воените дејствија во Газа продолжат за време на Рамазан.