Израел ја предупреди Франција за потенцијални „терористички напади“ врз нејзините спортисти и туристи од терористичките групи поддржани од Иран за време на Олимписките игри во Париз.
„Некои луѓе се обидуваат да му наштетат на овој радосен настан“, му напиша израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, на својот француски колега, Стефан Сежурн.
„Во моментов имаме проценки за потенцијални закани од ирански терористички групи и други терористички организации кои имаат за цел да извршат терористички напади врз членовите на израелската делегација и израелските туристи за време на Олимпијадата“, додаде Кац.
Франција воведе обемен безбедносен систем за гарантирање на безбедноста за време на Олимпијадата од 26 јули до 11 август.
Сите израелски спортисти кои ќе учествуваат на Олимпијадата, која официјално започнува во петок, ќе имаат 24-часовно лично обезбедување од елитната француска полиција, како во олимпиското село, така и кога ќе го напуштат кампусот.
Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах и францускиот претседател Емануел Макрон во вторникот го отфрлија барањето на Палестина да му се забрани на Израел да учествува на Олимпијадата поради војната во Газа.
Палестинскиот олимписки комитет повика на забрана на израелските спортисти на Олимпијадата, велејќи дека бомбардирањето во опколениот Појас Газа е кршење на олимпискиот прекин на огнот.