Израелската војска ја одложи планираната копнена офанзива во Појасот Газа за неколку дена поради лошите временски услови.
Копнената офанзива требаше да започне овој викенд, но беше одложена поради облачното небо што ќе им отежне на израелските пилоти и операторите на беспилотните летала да им пружат воздушна поддршка на копнените сили, објави Њујорк тајмс, повикувајќи се на тројца неименувани високи израелски офицери.
Израелската армија во саботата вечерта соопшти дека подготовките за „интегриран и координиран напад од воздух, море и копно“ на Појасот Газа се при крај.
Иран се закани дека ситуацијата може да излезе од контрола ако не запрат, како што рекоа, воените злосторства и геноцидот на Израел.
Техеран го предупредил Израел во порака испратена преку ОН дека ќе мора да одговори доколку Израел изврши генерален копнен напад во Појасот Газа контролиран од Хамас.
„Доколку воените злосторства и геноцидот на израелскиот апартхејд не бидат веднаш запрени, ситуацијата може да излезе од контрола и да предизвика далекусежни последици – за што одговорноста ќе ја имаат ОН, Советот за безбедност и земјите што го водат Советот во ќорсокак“, истакна иранската мисија во ОН.