Израел ја нападна Газа, како одговор на ракетните напади

by Fokus

Израелските воздухопловни сили рано утринава го нападнаа Појасот Газа како одговор на ракетите истрелани во јужен Израел неколку часа претходно.

Размената на оган меѓу Израел и Газа изби на крајот на големата воена операција на друга палестинска територија, окупираниот Западен Брег, додека стотици израелски војници се повлекуваа од Џенин по дводневните интензивни судири во палестинскиот бегалски камп.

Борбени авиони нападнаа „подземни работилници за оружје што ги користи единица на терористичката организација Хамас и место за производство на ракетни компоненти“, се наведува во соопштението на израелската армија и се потврдува дека тоа е одмазда за ракетниот истрел во јужен Израел.

Палестински безбедносни извори изјавија дека нема повредени, а палестинските медиуми објавија дека авионите нанеле цели во Ал Бајадар, каде се оштетени неколку куќи, западно од градот Газа и Беит Лахиа во северниот дел на Појасот Газа.

Палестинските власти ја прекинуваат соработката со Израел поради воената операција во Џенин

Неколку часа претходно, противракетниот систем „Железна купола“ пресретна пет ракети истрелани од Појасот Газа во правец на градот Сдерот и околината, јавуваат израелските медиуми.

Никој не ја презеде одговорноста за ракетниот напад, но Израел смета дека исламскиот екстремистички Хамас, кој владее со Газа, е одговорен за сите напади кои доаѓаат од таа територија.

Портпаролот на израелската армија рано утринава потврди дека операцијата во бегалскиот камп Џенин е завршена и дека сите израелски сили се повлекле.

 

Поврзани новости