Израелските разузнавачки служби им помогнале на американските сили да го лоцираат и убијат командантот на иранската војка Касим Сулејмани, давајќи им важни информации за неговото движење.
Според американскиот портал Ен Би Си њуз, американската ЦИА го знаела точното време кога полетал авионот на Сулејмани од Дамаск кон Багдад, врз основа на информациите кои израелски разузнавачи им ги испратиле од аеродромот.
Кога слетал во Багдад, американските агенти го потврдиле точното место каде тој се наоѓа, а потоа полетале три американски дронови со ракети, без да стравуваат дека ќе го нарушат ирачкиот воздушен простор, и истрелале четири ракети врз возилото во кое се наоѓал Сулејмани.
Овие сознанија се темелат врз исказите на две лица кои се директно поврзани со операцијата, но и врз основа на други високи американски претставници, пишува Ен Би Си њуз.
Американски претставници ја следеле ликвидацијата на Сулејмани преку голем монитор – директорката на ЦИА Џина Хаспел од штабот во Ленглиј, а шефот на Пентагон Марк Еспер од друга локација.
Израелскиот весник Тајмс оф Израел пишува дека тамошните медиуми пренеле дека американскиот државен секретар Мајк Помпео го известил израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за плановите за убиство на Сулејмани.
Помпео телефонски го повикал Нетанјаху на 1 јануари за наводно да му заблагодари за израелската поддршка во напорите за спротивставување на Иран и по нападот врз американската амбасада во Ирак, а веќе следниот ден израелскиот премиер изјави дека регионот е многу турбулетен и во него се случуваат драматични работи.
– Внимаваме и ја следиме ситуацијата. Во постојан контакт сме со нашите пријатели од САД, изјави тогаш Нетанјаху, а само неколку часа подоцна иранскиот генерал беше убиен.