Израел: Хамас го прекрши договорот, ова не е телото на мајката на двете момчиња

by Fokus

Едно од четирите тела што вчера беа вратени од Газа во Израел не е на заложникот Шири Бибас, како што тврдеше Хамас, соопшти израелската војска, пренесува Би-би-си. Веста дека Шири Бибас (33) и нејзините синови Ариел и Кфир, кои сега би имале пет и две години, се мртви, предизвика бран тага во Израел. Возилата на Црвениот крст презедоа четири црни ковчези со фотографии во Појасот Газа, а Хамас ги изложи ковчезите на сцената пред да ги предаде.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) го информираа семејството Бибас дека телата на синовите на Шира се идентификувани откако Хамас вчера ги предаде нивните останки на Израел. Сепак, третото тело не е на нивната мајка, соопшти ИДФ. Тие бараат враќање на нејзиното тело со преостанатите заложници. Хамас се уште не го коментираше тврдењето на Израел.

„За време на процесот на идентификација, беше утврдено дека телото што е примено не е на Шири Бибас, ниту пак се совпаѓа со некој друг заложник. Станува збор за анонимно, неидентификувано тело“, објави ИДФ на платформата Х.

„Терористичката организација Хамас крајно сериозно го прекрши договорот. Тие беа обврзани да ги вратат четворицата починати заложници. Бараме Хамас да ја врати Шири дома со сите наши заложници“, рекоа тие.

ИДФ соопшти дека две деца биле брутално убиени од терористи во заробеништво во ноември 2023 година, според разузнавачките и форензичките наоди. Хамас претходно тврдеше дека момчињата и нивната мајка биле убиени во израелските бомбардирања.

Шири, Ариел и Кфир Бибас имаа 32 години, четири години и девет месеци кога беа киднапирани за време на нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Таткото на децата, Јарден Бибас (34), беше ослободен од заробеништво на Хамас на 1 февруари. Израел потврди дека четвртото тело вратено вчера било на долгогодишниот мировен активист Одед Лифшиц.

Поврзани новости