Министерот за надворешни работи на Израел рече дека на Антонио Гутереш му е забранет влезот во земјата поради, како што верува, антиизраелската пристрасност на шефот на ОН.
Израел Кац рече дека го прогласил Гутереш за „персона нон грата“ во Израел.
„Секој кој не може недвосмислено да го осуди грозоморниот напад на Иран врз Израел, како што тоа го направи речиси секоја земја во светот, не заслужува да стапне на израелска почва“, рече тој на X.
Гутереш вчера го осуди „проширувањето на конфликтот на Блискиот Исток, со ескалација по ескалација“ и повика на прекин на огнот во изјавата во која конкретно не се споменува Иран.
Се огласи и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, кој во изјава за иранските медиуми, која ја пренесе Ројтерс, порача дека „ако ционистичкиот режим не престане со своите злосторства, ќе се соочи со поостри реакции“.
Пезешкијан рече дека една од целите на неговата денешна посета на Доха е „да се разговара за тоа како азиските земји можат да ги спречат израелските злосторства во регионот и да ги спречат непријателите да предизвикаат немири на Блискиот Исток“.