Израелската армија во текот на ноќта и утринава изврши повеќе од десет напади врз јужните предградија на Бејрут, обвинувајќи го Хезболах дека складирал милиони долари во бункер под една од најголемите болници во Либан.
Нападите се случија откако портпаролот на ИД на арапски јазик, потполковник Авичај Адре, нареди евакуација на неколку згради во јужните предградија на Бејрут, предупредувајќи ги граѓаните кое се „во близина на објекти на Хезболах“, пишува „Тајмс оф Израел“.
Израелската војска вчера објави дека ќе продолжи со напади врз цели на Хезболах, фокусирајќи се на нивната финансиска инфраструктура.
Портпаролот на ИД – Даниел Хагари рече дека се проценува дека бункерот под болницата Ал-Сахел содржи „неколку милијарди долари во банкноти и злато“.
Тој изјави дека Израел нема да ја нападне самата болница, бидејќи е во војна со Хезболах, а не со либанскиот народ. Сепак, болницата соопшти дека ги евакуира своите пациенти на побезбедна локација, додека директорот Фади Аламех ги негираше обвинувањата на ИД.
Аламех за локалната телевизија Ал-Џадед изјави дека болницата, која е во областа 42 години, има подземни хируршки капацитети и нема врски со Хезболах или со која било друга политичка групација.
Министерството за здравство ги негираше тврдењата на ИД дека Хезболах чува пари под болницата.
Здравствени извори претходно соопштија дека најмалку четири лица загинале, меѓу кои и едно дете, додека 24 лица се повредени во израелскиот напад на Бејрут, и дека Универзитетската болница Рафик Харири, најголемата јавна болница во Либан, претрпела голема штета од експлозијата.