Израелските власти ги информирале САД дека ќе започнат операција во Либан во вторник, но не дале никакви детали за тоа што планираат, објави Си-Ен-Ен, цитирајќи три неименувани извори.
Си-Ен-Ен вели дека нивните извори се запознаени со ова прашање, како и со разговорот меѓу американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и неговиот израелски колега Јоав Галант рано наутро во вторникот.
Фактот дека нема детали за тоа што би вклучувала операцијата значеше дека американските власти останаа во мрак додека не се појавија извештаи набргу потоа за стотици експлодирани пејџери кои ги носеле членовите на Хезболах, велат изворите.
Си-Ен-Ен има информации дека Израел стои зад нападот, кој ги зголеми тензиите во регионот, а се работи за заедничка операција на израелската разузнавачка служба, Мосад и израелската армија.
Либанската влада го осуди нападот како „криминална израелска агресија“.
Експлозиите во вторникот се случија додека државниот секретар Ентони Блинкен патуваше од Вашингтон за Каиро.
Блинкен на прес-конференција во Египет во средата рече дека САД „не знаеле за овие инциденти или биле вклучени во нив“.
САД преку посреднички канал му пренесоа на Иран дека не е вклучен во нападот и дека Иран не треба дополнително да ја ескалира ситуацијата, изјави американски претставник за Си-Ен-Ен.
Амбасадорот на Иран во Либан е повреден во експлозија на пејџер, јавуваат иранските државни медиуми.
За време на речиси едногодишната војна во Газа, САД постојано испраќа индиректни пораки до Техеран да се воздржи од ескалација на конфликтот.