Портпаролот на израелската влада Дејвид Менсер денеска го цитираше премиерот Бенјамин Нетанјаху дека американскиот претседател Џо Бајден објавил само некои детали од планот за ставање крај на војната во Газа.
– Војната ќе биде прекината за враќање на заложниците, а потоа ќе продолжиме со други разговори, рече Менчер, цитирајќи го израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Израелската армија (ИДФ) претходно денеска објави дека во Израел го пронашла телото на Долев Јехуд, волонтер медицински работник во Кибуц Нир Оз во јужен Израел, за кој досега се веруваше дека бил земен како заложник од милитантната група Хамас за време на напад на 7 октомври минатата година.
Главен приоритет на Израел во Газа е уништувањето на Хамас, изјави денеска Нетанјаху, додавајќи дека тоа ќе се изврши заедно со враќањето на заложниците кои ги држеше Хамас. Тој рече дека и двете тие цели се дел од планот за ставање крај на војната одобрен од „највисокото ниво“ на неговата влада, пренесува Ројтерс.
– Ова не е нешто што сега го додавам. Тоа не е нешто што го додавам затоа што сум под притисок во коалицијата. Ова е нешто за што едногласно се договоривме во воениот кабинет – рече Нетанјаху.
Израелскиот кабинет синоќа расправаше за последниот предлог за ослободување на заложниците и прекин на огнот, претставен од САД.
Американскиот предлог, кој се базира на рамката предложена од израелската влада, предвидува три фази кои треба да доведат до ослободување на сите заложници, крај на војната и обнова на Појасот Газа, без Хамас на власт.
Екстремно десничарските министри во владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, Безалел Смотрич и Итамар Бен Гвир, се заканија дека ќе ја напуштат коалицијата доколку владата за време на војната се согласи на таков договор.