Изолирано апашко трло

by Fokus
  Мафијата е сега комотна. Планот ѝ успеа. Ја уништија вистинската алтернатива, која им се закануваше да ја откорне од корен, создадоа лажна надеж – левица со лажен пророк Апаш, а незадоволството го ставија под контрола во апашкото трло. Енде. Мисијата е комплетна. Кој изгуби најмногу од тоа? Секако, ВМРО-ДПМНЕ, која како опозиција требаше да го анимира тоа граѓанско незадоволство. За првпат во историјата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е трет по популарност во земјата, а лажниот пророк е пред него.

Пишува Петар БОГОЈЕСКИ, политички и граѓански активист

Нашиот народ е напатен, ограбен, понижен… и со право вината за тоа ја бара кај политичарите. Мнозина граѓани кренаа глава со намера да најдат политичка структура што ќе ги организира и ќе се факторизира на политичката сцена, со намера да ги казни криминалците, олигарсите, предавниците, платениците… и што уште не. Тоа предизвика црвен аларм, токму кај последно наведениве. Ако успеат политичките сили да се организираат на таа основа, крај за бандитите. Како да се спречи тоа?

Олигарсите, заедно со нивните слуги во двата „спротиставени“ блока, оној на ВМРО-ДПМНЕ и оној на СДСМ, си зададоа две задачи. Првата е да спречат да се создаде вистинска опција, која ќе ги уништи, втората е да создадат макета, која демек е опција што ќе ги уништи. На тој начин, добро организирани, го најдоа момчето со жално детство и полно со фрустрации и желба да порасне, да се збогати и да малтретира народ, Димитарче Апашот од Велес, како најдобрата фигура која може да излаже око на народ и да му поверуваат дека тој е „револуционерот“ што ќе ги казни бандитите. Токму затоа влегоа во дуел со него. Прво ВМРО-ДПМНЕ, демек, се бори против левичари. Откако го факторизираа кај левите фундаменталисти, потоа влегоа во дуел СДСМ со него, за да го факторизираат како демек опозиционер. Од друга страна, направија сѐ што е во нивна моќ, заедно ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, да ги уништат сите други опции, кои реално беа опасност за нив и им беа вон контрола, на највулгарен начин со груб фалсификат на изборите и бришење на изборните резултати на „непожелните“ за владејачката каста на олигарсите. На овој начин од лажниот револуционер направија опозиционер, а од вистинските опозиционери направија „валкани политичари“.

По успешно спроведената мисија за факторизација на Апашот и дефакторизација на опозиционерите на олигархијата, следува третата и конечна фаза за формирање на изолираното трло. Што е тоа? Најпластично објаснето е формирање политичка опција, како онаа на Шешељ во Србија, која на куп ќе ги собере сите фрустрации и неостварени желби на сироти граѓани, но никогаш нема да биде власт и во можност да направи нешто за тие граѓани. Така олигарсите и бандитите се најбезбедни, успеале да го контролираат и стават во трло народниот отпор, а „револуционерите“ да ги претворат во овци за стрижење и молзење.

Токму тоа сега го прави Димитарче Апашот. Ја предава својата сиромашна, транзициско стечајска и напатена каста, ги продава своите родители и одработува за олигарсите, кои ги уништија животите на тие граѓани кои му веруваат на истиот тој Димитарче Апашот. Го формира трлото, наречено левица, ги собира на куп сите незадоволни граѓани, сите вистински непријатели на владејачката каста, ги затвора во тоа трло и ги осудува на вечно блеење, без да бидат опасност за мафијата. Таа левица никогаш нема да биде компатибилен фактор за учество во ниту една влада. Ќе биде една група на фрустрации, омраза и пизма, која со 5 пратеници ќе стои на маргините на македонското Собрание, ќе ги храни омразените граѓани со лажна надеж, ќе ги залажува со гнасен вокабулар и револуционерни занеси, но секогаш ќе го држи народното незадоволство на маргините на општеството, за да не им смета на олигарсите и на мафијата во својата желба за молзење на народот. Така сите задоволни. Граѓаните ќе мислат дека нешто прават против мафијата на чело со мафијашкиот пикавец Апашот, а мафијата ќе продолжи да си владее и да го ограбува истиот тој народ. Тоа се вика контролирано незадоволство, ставено и оградено во трло, осудено на вечен неуспех и вечно мачење на народот. Нешто слично како оној котелот од пеколот, во кој се чуваат Македонците.

Сте се прашале зошто нема ниту еден предлог закон во интерес на народот, од страна на Апашот? Зошто нема ништо од враќање на името и презимето на Македонија? Зошто изуми да побара поништување на Преспа во Собрание? И така натаму… и така натаму… токму поради тоа што тој е продолжена рака на тие што го работат спротивното. Едно зборува, друго прави. А народ како народ, доцна прогледува и упорно го полни трлото на Апашот, кој секојдневно е сѐ побогат, ама со кеш, не со револуционерни дела.

Создадоа лажна надеж – левица со лажен пророк Апаш

Мафијата е сега комотна. Планот ѝ успеа. Ја уништија вистинската алтернатива, која им се закануваше да ја откорне од корен, создадоа лажна надеж – левица со лажен пророк Апаш, а незадоволството го ставија под контрола во апашкото трло. Енде. Мисијата е комплетна. Кој изгуби најмногу од тоа? Секако, ВМРО-ДПМНЕ, која како опозиција требаше да го анимира тоа граѓанско незадоволство. За првпат во историјата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е трет по популарност во земјата, а лажниот пророк е пред него. Трлото се полни со поранешни приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ, особено со најрадикалните против Заев и СДСМ. На тој начин, добри 100.000 гласови од ВМРО ДПМНЕ ќе се изолираат и стават под контрола во апашкото трлото на лажниот пророк, вечно осудени на пропаст и живот во омраза и фрустрација, ВМРО-ДПМНЕ ќе се симне под 250.000 гласови, а СДСМ ќе си обезбеди сигурна победа и на следните избори. Макар со нешто над 300.000 гласови.

Мафијата ќе продолжи да молзи народ, олигархијата да ужива во привилегиите, а политичките елити да останат непроменети, токму по заслуга на нивниот успешен проект наречен Димитарче Апашот и неговата левица. На овој начин, левица станува најдобрата инвестиција на СДСМ и на Зоран Заев. Тие ги регистрираа, тие им собраа потписи, тие ги исфинансираа… нели заедно беа „шарени револуционери“… демек против груевизмот, за на крај да го амнестираат тој груевизам, но да ја уништат токму вистинската опозиција. Совршено злосторство. Но, злосторство врз својот народ и врз Македонија.

Дали има решение? Секогаш има! Потребно е широко организирање на целокупната свесна јавност, подготвена да се избори за вистински промени во земјата, која нема да биде под контрола на олигархијата и политичките елити, а која ќе биде кредибилен партнер за создавање нова македонска влада, која ќе ја внесе Македонија во Европската Унија. Сега е моментот. Заборавете на мицињата и таквото ВМРО-ДПМНЕ. Тие се изгубена честитка и дел од планот на мафијата за факторизација на лажниот пророк и за собирање на народното незадоволство во изолираното трло.

 

 

 

 

Поврзани новости