Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и шестмината поранешни алфи, денеска требаше да ја слушнат пресудата за случајот „Тортура“, но наместо пресуда, судијката истакна дека е неопходно предметот повторно да се преотвори.
Таа појасни дека во целост не е јасно кој од обвинетите какво дело превзел и со колкав интензитет и обем го превзел, поради што неопходно било повторно отворање на постапката, поради што закажа рочиште за 8 јуни.
-Едногласно одлучивме дека е неопходно и целисходно постапката да се преотвори. Неспорно е дека се случил настан, но не е јасно кој од обвинетите кое дејствие го презел и за Судот нејасно е кој од обвинетите кое дејствие и со кој интензитет го презеле. Согласно член 397 став 1 од ЗКП, Судот оцени дека е потребно дополнување на постапката и разјаснување на одделни прашања и затоа постапката ќе се преотвори. При изведување на сите докази, за членовите на советот е неразјаснето прашањето за употребената сила, закана и отпор. Останаа неразјаснети одредени околности и во моментот постои фактичка пречка за донесување на одлука од судот, истакна судијката Александра Ристеска, на изненадување на присутната јавност.
Предметот го отвори поранешното СЈО, а се однесува на начинот на кој беше уапсен лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011, ден по парламентарните избори.
Обвинителството тврдеше дека при апсењето на Бошкоски имало мачење, односно била употребена полициска сила, бил легнат на земја во близина на тоалет кај ресторанот „Воденица“, и бил враќан за да го снимаат телевизиските камери со цел јавно да го омаловажат.
Одбраната, пак, аргументираше дека обвинетите се невини, односно дека обвинителството нема докази и обвинението се темели на претпоставки.
Мијалков се наоѓа во притвор во истражниот затвор “Скопје”, а тој веќе е осуден на 12 годишна казна затвор за “Таргет и Тврдина” и 8 години затвор за “Трезор”.
В.В.