Синоќа во Охрид, во Парк Голден Бич, публиката се покажа како доста дисциплинирана кога се мерките за заштита од Ковид-19 во прашање, за време на концертот на балканската турбо фолк ѕвезда Аца Лукас.
Иако пред еден месец музичарот го откажа најавениот концерт во Охрид, поради бурните реакции на јавноста и претпоставките дека концертот ќе прерасне во журка на која нема да се почитуваат здравствените препораки, сепак синоќа Лукас одржа настан кој според присутните поминал во доста мирна атмосфера.
Дека мерките се почитувале се гледа и на снимките кои се објавуваа во тек на настанот, каде пејачот настапува на бината, а гостите примерно го следат седнати на масите, на препорачано растојание. Немаше играње, качување на маси, турканици…
Организатор на настанот беше ноќниот клуб Awake, а од таму ни изјавија дека имало околу 200 луѓе во публиката.
-И за првиот концерт кој беше откажан најавивме дека мерките ќе се почитуваат, но се крена непотребна фама. Еве, видовте дека и на концерт на Аца Лукас, со добра организација, можно е никој да не биде загорзен – ни изјавија во телефонски разговор организаторите.
За споредба, откако Лукас го откажа првиот најавен концерт во Охрид, кој требаше да се случи на први август, во Битола на Хераклеа концерт одржа хрватската музичка ѕвезда Петар Грашо. И покрај тоа што се претпоставуваше дека неговата публика ја составуваат интелектуалци кои ќе ги почитуваат мерките, сепак на крај организаторот Прагма заработи кривична пријава од Државниот пазарен инспекторат, поради грубо кршење на препораките од здравствените власти и журкање без дистанца и без заштитни маски.
-Ќе имаме уште настани, ние сме сериозни организатори. Со овој концерт тоа го покажавме – велат организаторите.
Влезниците за концертот на Лукас се продаваа по цена од 600 денари.
Вики Клинчарова