Пред две години, тогашниот судија а сега адвокат Владимир Туфегџиќ, предлагаше да се направат измени во Законот за кривичната постапка (ЗКП), а се со цел да не се одолговлекуваат предметите во случај кога се менуваат членовите на судечкиот совет. Поради ваквото законско решение, при смена на судија или поротник, досега се случувало многу предмети да почнат од почеток, со повторно изведување на докази, сослушување на сведоци и тоа поради инсистирање на одбраната.
Имено, во досегашното постапување во кривичните предмети пред Основниот кривичен суд, клучен фактор за одолговлекувањето на започнатите кривични постапки е токму изричната законска одредба од член 371 од ЗКП, која наметнува обврска на судечкиот совет да бара согласност од странките да се прочитаат веќе изведените материјални и вербални докази, а доколку таква согласност не биде дадена од странките во кривичната постапка, судечкиот совет во изменет состав мора одново да ги изведе сите докази.
Ваквата пракса е на пат да се промени, бидејќи во измените на ЗКП е имплементиран предлогот на Туфегџиќ. Накратко, новиот судија или поротник со предметот би се запознал вон судското рочиште, а и нема да се бара согласност од странките за прифаќање на дотогаш изведените докази или сведочења на сведоците.
Па така, сега со измените во член 371 став 2 е предвидено:
„Главната расправа почнува одново ако се изменил составот на советот или судијата поединец. Судот, по сослушување на странките, може да одлучи определени сведоци и вештаци да не се сослушуваат повторно, туку да се репродуцираат нивните искази од поранешната главна расправа. Изведените материјални, писмени, електронски докази и снимки не се изведуваат повторно и тој доказен материјал станува дел од записот за тековното рочиште. Судот претходно вон рочиште се запознава со овој доказен материјал, што се констатира во записот за тековното рочиште“, се предвидува во измените на ЗКП.
Адвокатот Туфегџиќ вели дека е задоволен што измените што ги предложил се целосно вградени, без импровизации.
-Ова ќе овозможи новиот судечки совет вон рочиште да се запознае со предметот и без одложување, судењата ќе продолжат понатаму, вели Туфегџиќ.
И кога ги предложи измените, Туфегџиќ појаснуваше дека на овој начин ќе се стави крај на злоупотребата со одолговлекување на предметите.
-Сметам дека со имплементација на вакви измени во Законот за кривичната постапка, би се запазило начелото на економичност и ефикасност во судската постапка и воедно би се оневозможило злоупотреба која како крајна цел има одолговлекување на започнатите судски постапки особено во сложени кривични предмети со голем број на материјални и вербални докази, вели Туфегџиѓ.
Со новите законски измени се предвидуваа и рок во кој обвинетиот треба да го извести судот доколку го менува адвокатот.
„Во случај кога е задолжително присуството на бранителот, а обвинетиот во текот на главната расправа го отповикал полномошното или бранителот го откажал полномошното или без причина не дојде на главната расправа или пред време ја напушти главната расправа, претседателот на советот ќе го задолжи обвинетиот да определи друг бранител и да го извести судот за тоа во рок од 3 дена, а во спротивно судот ќе му постави бранител по службена должност. Судот на новиот бранител ќе му даде разумен рок за подготвување на одбраната, а потоа главната расправа продолжува, се наведува во законските измени.
Валентина Вурмо