ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ: Предлогот на охридскиот универзитет прифатлив за Владата

by Фокус

Охридскиот универзитет за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ се јави со став за предлог измените на Законот за високо образование.

Тоа доаѓа една  недела откако се произнесоа скопскиот, битолскиот и двата тетовски универзитети.

Охридскиот универзитет предлага, студентите кои не го положиле првиот дел од државниот испит  којшто според владиниот предлог ќе се полага по завршување на втората студиска година, да имаат право да ги слушаат предметите  во третата студиска година.

– На овој начин ќе се обезбеди поголема флексибилност во студирањето и ќе се подобри текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование – стои во соопштението на Универзитетот потпишано од Ректорот на Универзитетот Нинослав Марина.

Предлогот веќе го доставиле на разгледување  до Министерството за образование и наука.

Од Министерството за образование и наука денеска потенцираа дека предлогот во основа е прифатливо решение и ќе биде предмет на дополнителна анализа.

Предходно, речиси сите универзитети побараа повлекување на законот.

Повлекување бараат и 100-тина професори од професорскиот пленум.

Студентскиот пленум исто така побара повлекување на законот и најави нови протести.

Поврзани новости