Измамниците не запираат – повторно мета е постара жена, остана без 50.000 денари

by Fokus

МВР информира дека вчера попладне во 18.00 часот во СВР Скопје, 83-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 50.000 денари.

Според пријавеното, едно лице ѝ се јавило телефонски и ѝ кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила дете мигрант, кое починало, и доколку не сака таа да лежи во затвор требало да плати.

Како што е пријавено, таа ги оставила парите на договореното место, а откако се слушнала со нејзината ќерка, сфатила дека била измамена.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Оваа вест во билтенот на МВР се појави по само два дена откако „Фокус“ обелодени за неуспешен обид за измама на 82-годишен скопјанец.

До нашата редакција стигнаа неколку поплаки од граѓани кои биле жртви на измамниците кои, пак, имаат разработена шема и располагаат со детални податоци за своите мети. Голем проблем е тоа што на измамените им се јавуваат на фиксен телефон, а најголемиот проблем е што се убедителни во „приказната“ за сообраќајна несреќа, најчесто (наводно) со смртни последици.

Кумановската полиција и криминалистичката полиција од СВР Скопје уапсија педесет и деветгодишен жител на Бугарија кој е осомничен дека во соработка со други лица извршил измами за наводни сообраќајни несреќи над повеќе лица, соопшти денеска полицијата.

– Вчера во 15:40 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово, во содејство со Оддел за криминалистичка полиција и СВР Скопје го лишиле од слобода П.М.(59) од Република Бугарија. Тој се сомничи дека на територија на Куманово во соработка со повеќе лица извршил измами со наводни сообраќајни незгоди над повеќе лица. П.М. бил приведен во полициска станица и по целосното документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава, информираше полицијата.

Од МВР постојано апелираат за претпазливост. Случаите со наводни сообраќајни несреќи се случуваат во одредени периоди.

Поврзани новости