„Префрлање на одговорноста“ е насловена самостојната изложба на ликовниот уметник Сашо Станојковиќ, која ќе биде отворена вечер од 19 часот во Мобилната/монтажна галерија во Паркот на франкофонијата.
Според авторот, изложбата е колоритна и дискурзивна архива на остатоците од Шарената револуција од 2016 година и резултат на неговиот истражувачки проект „Делиберативно културно наследство“ кој ќе продолжи и по отворањето на изложбата.
Во рамките на овој проект, Станојковиќ во 2016 година поднел предлог- барање (петиција) остатоците од интервенциите со боја врз спомениците од проектот „Скопје 2014“ и врз други објекти во главниот град, за време на протестите наречени Шарена револуција, да бидат прогласени за културно наследство.
– На изложбата ќе биде презентирана претежно едностраната преписка со нереспонзивните институции што продолжи и по промената на власта. Имено, институциите најчесто избегнуваа да одговорат на предлог-барањето за прогласување за културно наследство на колоритните интервенции врз спомениците и објектите од проектот „Скопје 2014“ или ја префрлаа одговорноста за прогласувањето за културно наследство на спомнатите објекти врз други сродни институции, вели авторот.
На изложбата ќе биде претставен дел од архивата што е составена од медиумските одгласи на Шарената револуција и од фотодокументација на единствените видливи колоритни интервенции што демонстрантите ги нанесоа врз некои објекти, а кои останаа неизбришани од претходната власт.
Според истражувањето на уметникот, трагите од овие, како што вели – „изливи на граѓанската волја“, сè уште се видливи на фасадите на девет објекти и врз еден споменик во центарот на Скопје.
– Тие претставуваат еден вид загрозени мултинационални и мултикултурни споменици на будењето на граѓанската свест за потребата од почитување на еднаквите права на сите граѓани, додава Станојковиќ. Тој е магистер по ликовна уметност од областа на сликарството и досега имал повеќе од 10 самостојни изложби.
„Префрлање на одговорноста“ е поддржана од Министерството за култура, Град Скопје и НУБ „Св. Климент Охридски“