Претседателот на Дражавната изборна комисија – Александар Даштевски попладнево ги објави неофицијалните конечни резултати од изборите по вчерашното гласање во првиот круг на претседателските избори. Излезноста била 49,93%.
На вчерашниот прв круг од претседателските избори гласале речиси половина од вкупно 1.814.317 запишани избирачи во Избирачкиот список.
На гласање излегле 905.971 граѓани, а не гласале 908.346 избирачи. Од вкупниот број на гласачки ливчиња, 24.562 се неважечки
Со освоени 363.086 гласа, претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, е апсолутен победник во првиот круг од претседателските избори во земјава.
Ова го покажуваат последните ажурирани податоци на Државната изборна комисија (ДИК) според 99,91 проценти од обработените избирачи.
Втор од седумтемина претседателски кандидати според бројот на освоени гласови е актуелниот претседател и кандидатот за втор мандат поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски, со вкупно 180.500 гласови.
Кандидатот на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, Бујар Османи, во првиот круг од претседателските избори освоил вкупно 121.088 гласови, а неговиот главен противкандидат Арбен Таравари од коалицијата ВРЕДИ на опозициските партии на Албанците, освоил 83.393 гласа на вчерашните избори.
Од македонскиот политички блок, трет по бројот на освоени гласови е кандидатот на Движењето ЗНАМ и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, со 83.856 гласа.
Претседателската кандидатка на Левица, Билјана Ванковска-Цветковска, освоила вкупно 41.331 глас, а кандидатот Стевчо Јакимовски освоил 8.121.
На 3 места во Куманово гласањето беше прекинато поради технички проблеми, затоа што станува збор за мал број на гласови кои немаат влијание врз крајниот исход ДИК го поништи и соопшти дека нема да се прегласува.
Државната изборна комисија донесе заклучок дека во изборниот ден на 8 мај ќе има измени во избирачките одбори, па наместо 5 сега ќе има 7 членови.