Според невладините набљудувачки организации ЦРТА, ИПСОС и Цесид, на парламентарните, покраински и локални избори во Србија излезноста до 15 часот изнесува 30,08 отсто и таа според Црта е за 2 отсто помала од парламентарни избори во 2016 година.
Засега како што јави дописникот на МИА од Белград, забележани се неколку помали неправилности, како што е тепачка на избирачкото место во Нов Белград поради бремена жена, обидот за контрола на избирачкиот список од неовластени лица во Свилајнац и случај со таканаречениот „бугарски воз“ во Зрењанин.
Според Републичката изборна комисија (РИК) до 14 часот излезноста изнесува 26,11 отсто и досега не се забележани поголеми неправилности.
На изборите своето гласачко право од 7 до 20 часот ќе можат да го искористат 6.583.665 граѓани на 8.386 гласачки места, меѓу кои и на 140 места на Косово и во 42 амбасади на Србија,
Тие треба да гласаат за 21 изборна листа на партии и коалиции, кои треба да го поминат цензусот од 3 проценти за да освојат пратенички мандати.
Македонците во Србија на изборите искачаат согласно политичката сцена. Партијата на македонците во Србија (СМС) во коалиција на Демократската партија (ДС) ги бојкотира изборите, додека Демократската партија на македонците (ДПМ) во коалиција со Муамер Зукорлиќ и неговата Партија на правдата и помирување (СПП) излага на изборите.
Изборите се одржуваат во услови на прогласен бојкот на поголемиот дел од опозициските партии, собрани околу коалицијата Сојуз за Србија (СзС) и прогласената епидемија на коронавирус, поради што членовите на избирачките одбори задолжително носат заштитни средства, маски и ракавици, додека на гласачите им е препорачано да ги користат истите.