Штипјанец се заразил со корона вирусот, по што се излекувал. Но, неодамна тој повторно се заразил, односно по втор пат бил позитивен на Ковид-19. Оваа информација ја обелодени директорот на штипската клиничка болница Ален Ѓеорѓијев, кој истакна дека пациентот се наоѓа на болничко лекување.
Пациентот е на возраст од 46 години, а првиот пат се лекувал дома, но сега состојбата му е посериозна поради што се лекува во болница.
На инфективното одделение во Штип во моментов се лекуваат 35 пациенти заболени од Ковид 19, а 11 се сомнителни случаи. Најмногу пациенти има од Штип, но има и од Кочани, Виница, Пробиштип , Берови и од други места.
Како што информираше директорот, до крајот на овој месец ако се завршат сите процедури треба да пристигне и болничкото возило со најсовремена опрема, донација од германската амбасада во вкупна вредност од 38.000 евра.
Во тек се и подготовките за изградбата на монтажната болница, што ќе биде еден од 16-те Ковид центри во државата.