Пациентите со цистична фиброза денеска на пладне ќе излезат на протест пред Министерството за финансии со барање за одговор од надлежните институции до каде е набавката на лекот „трикафта“ за сите пациенти и законските измени за побрза набавка на лекот.
Претседателот на Асоцијација за цистична фиброза, Фики Гаспар во изјава за медиуми претходно појасни дека протестот ќе биде пред Министерството за финансии, затоа што сметаат оти доколку се обезбеди буџетот, работите ќе бидат многу побрзи.
Неофицијално, како што додаде Гаспар, на Влада поминало, уште 18 пациенти да добијат лек.
– Тоа е за поздравување, но, ние апелираме дека го бараме за сите пациенти. За да нема несигурност и страв кај пациентите. Ако е точно, ќе има страв дали се во таа бројка, кога ќе дојде за нив, рече Гаспар.
Тој кажа дека мисли оти е за 80 пациенти соодветен лекот. Во моментов, „трикафта“ примаат 12 лица.