Во денешно време страшно е да завршиш под нож во болница, затоа што не знаеш кој ќе ти ја земе мерката. Пациенти умираат на секој чекор, буквално
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
02.05 часот – два часа по полноќ.
Полека отчукува машината што ги дава последните знаци на живот на 46-годишна жена хоспитализирана на една од скопските клиники.
Наеднаш над неа се собираат лекарите и медицинскиот персонал, дежурни таа вечер, за да ѝ ја дадат последната шанса за живот…
Но, битката е изгубена. Апаратот прекинува да титка, а правата линија го означува крајот на уште еден живот.
Уште една пациентка влезе во страшните црни статистики на македонското здравство. Не е една, не се две, бројките се алармантни, црвениот аларм за тревога е вклучен, но никој не ги дава официјалните податоци.
Дојде ред со страв да одиш да се лекуваш зашто не знаеш дали жив ќе се вратиш. До таму е дојдена работата.
Лекарите не се семоќни, не е секогаш сѐ во нивните раце. Но, оттука почнува и приказната во чии раце е оставен животот на пациентите?
Во рацете на партиските војници, кои Медицински факултет учат во партиските штабови.
Во денешно време, страшно е да завршиш под нож во болница, затоа што не знаеш кој ќе ти ја земе мерката. Пациенти умираат на секој чекор, буквално умираат!
Доволно е да раскажеме само еден пример. Јавноста мора да ја слушне вистината.
„Пред само еден месец, до редакцијата на „Фокус“ пристигнаа фотографии од 43-годишен пациент болен од леукемија, кој, за жал, почина. На фотографиите се гледаше тешката состојба во која се наоѓа, поточно цела глава му беше во модринки бидејќи несвесно паднал од креветот на една од клиниките каде што се лекувал.
Без разлика на тешката здравствена состојба, наместо лекарите да му направат компјутерска томографија со која ќе се види дали има внатрешно крвавење во главата, тие единствено што прават е што му забрануваат на неговото семејство да го посети. Дополнителните повреди му пресудуваат.
Семејството очајно, немаат можност да го видат ни во последните часови од неговиот живот. Само страшната вест стигнува до нив. „Почина, дојдете да си го земете“.
Звучи морничаво, но таа е реалноста во македонските болници. Не е само едно семејство зацрнето и не само едно семејство ја бара правдата по судските лавиринти. Но, тешко да ја најде…
Пред две години, две семејства со месеци држеа прес-конференции пред влезот на скопската Инфективна клиника, каде што згаснаа животите на нивните 10-годишни ќерки. Тие обвинуваа за лекарски грешки, секојдневно ги споделуваа имињата на лекарите, правдата ја бараа на суд, но по толку години им остана само болката. Ништо друго. Белите мантили останаа недопрени!
Тоа не се однесува на сите лекари. Ваквите приказни редовно ги полнат страниците и на светските медиуми и ја покажуваат вистинската слика на здравството во Македонија.
Од друга страна, ковид-пандемијата дополнително го покажа грдото лице на лошо поставениот здравствен систем.
Згаснаа животите на повеќе од 9.000 ковид-пациенти. Сигурно не починаа сите од корона вирус.
И додека за здравствените власти овие црни бројки се нормални, се навраќаме две години наназад кога италијанскиот град Бергамо беше „уништен“ од ковид 19. Страшните фотографии со починати пациенти натрупани во камиони го обиколија светот.
Таа страшна слика успеаја да ја видат сите. И Македонија помина низ ковид „торнадо“, но тие слики останаа да се чуваат во аналите на здравствените архиви. Иако, јавна тајна е како ги изнесуваа починатите во вреќи на задните влезови од ковид-центрите.
Без разлика што поранешниот прв човек во здравството Венко Филипче повеќе од десет месеци не седи на министерската фотелја, тој остави длабока трага.
Во негово време, „пукнаа“ јаки тендерски афери, а тој „славно“ ја заврши министерската кариера. Пандемијата му дојде како џокер во покер, за да стане ѕвезда, додека во меѓувреме се разработуваа разни шеми.
Живееме во тендерска држава, во која кој колку може ќарува на грбот на пациентите. Тендерите во јавното здравство се најпривлечни – нормално кога таму се парите. А, кај што е парата, таму е и играта.
За тоа редовно се прават бизнис-зделки, во кои главни актери се министерот и фармацевтските компании. Пациенти умираат, ама на крај бизнис-колачот е поделен.
Нормално, одговорност нема за никој, а болните се само експериментални глувчиња во ова време-невреме. Врските ја играат клучната улога, тешко на тие што ги немаат.
Овие трагични приказни не можат и не смеат да завршат вака. Целта е едноставна: „Jа сакаме вистината“!