Изградбата на Археолошкиот музеј под истрага на Финансова полиција

by fokus

Управата за финансиска полиција има отворено истрага за изградбата на Археолошкиот музеј, како и за повеќе објекти изградени во рамки на проектот „Скопје 2014“, потврдуваат од таму за „Фокус“. Истрагата се обидува да утврди дали поранешни функционер сториле злоупотреби или законски прекршувања, но и да ја утврди инвовлираноста на приватните фирми кои ги добиле тендерите за изградба.

Како што велат од Финансова полиција, се водат повеќе предистражни постапки, а во некои се вршат проверки за постапката и изградбата на дел од објектите од проектот „Скопје 2014“.

„Се истражуваат инкриминирани дејствија сторени од одговорни лица во државни институции и приватни правни субјекти од надлежност на Управата за финансиска полиција, со цел прибирање на докази за евентуални сторени кривични дела. Може да се каже дека и изградбата на Археолошкиот музеј се појавува во дел од постапките како предмет на предистражна постапка“, велат од таму за „Фокус“.

Најавуваат дека наскоро ќе бидат поднесени и кривични пријави.

„Дел од предистражните постапките се пред самиот крај, а за кои во соработка со надлежните Јавни обвинителства ќе се поднесат соодветни кривични пријави против одговорни лица, и за кои навремено ќе бидете информирани, а за дел од предистражните постапките се уште се прибираат информации“, посочуваат од Управата.

Инаку, Археолошкиот музеј деновиве се најде во центарот на вниманието поради Државниот архив, сместен на горните катови од зградата, кој редовно се поплавува и протекува. Вработените беа и викендов ангажирани да помогнат во отстранување на водата од депото, каде што се чуваат документи од национална вредност.

Како што пишуваше „Фокус“ во претходниот број, архивистите бараат Владата да донесе одлука со која ќе бидат вратени од Археолошкиот музеј, каде биле со сила преселени пред четири години, во старата наменска зграда, каде Архивот функционираше бспрекорно изминативе четири децении.

Маја Васева

 

Поврзани новости