По донесување на мерките и препораките за рационално користење на електричната енергија од Економско-енергетскиот совет на Владата во пресрет на грејната сезона, донесена е одлука јавните здравствени установи да склучат договори за електрична енергија преку ЕСМ продажба по поповолна цена од берзанската, соопшти Министерството за здравство.
Оттаму посочуваат дека во координација со здравствените установи изготвен е план и дадени се насоки до сите јавни здравствени установи, со цел рационализирање на сметките и трошоците за оваа намена, но истовремено, како што велат, грижата за пациентите и обезбедувањето здравствена заштита останува врвен приоритет на Министерството за здравство и јавните здравствени установи.
Досега, како што наведуваат, 24 здравствени установи имаат потпишано договор со ЕСМ продажба, од кои три се во фаза на потпишување и тие веќе добиваат електрична енергија по многу поповолна цена.
– Во рамки на административната зграда на Министерството за здравство не се користат дополнителни грејни тела и се користи централно греење од клиничкиот комплекс. Во Министерството е назначено и посебно административно лице за проверка на рационалното користење на електричната енергија. Почитувајќи ја сензитивноста на здравствениот сектор, дел од мерките се однесуваат на рационално користење на осветлувањето, редовно менување на филтрите на клима уредите, замена на стари прозорци со енергетско ефикасни, поставување штедливи сијалици и слично, стои во соопштението.