Лавот Џони кој беше атракција во угостителски локал во Косово, конечно е спасен од малиот кафез и ужасните услови во кои подолг период престојувал, откако изгорел локалот каде бил чуван.
Веста дека Џони е спасен и ќе биде преселен во голем резерват за големи мачки ја објави Тина Мицкоска од Скопје ЗОО, а активистите од Four Paws веќе го сместиле привремено во резерват за мечки во Приштина.
-Лавот со години живееше во многу мал кафез илегално донесен во Косово и беше ресторанска атракција. Активистите се бореа лавот да биде спасен, но се заглави во административни процедури и држ-недај ситуации со институциите.
Минатата недела ресторанот изгорел и моите пријатели од Four Paws конечно добија шанса да му помогнат на Џони и да го земат од таму.
Лавот моментално се наоѓа во резерватот за мечки во Приштина, од каде што ќе отпатува во нов дом, а тоа ќе биде еден од големите паркови/резервати за големи мачки.
Конечно Џони ќе може да трча, да прошета и да ужива, наместо да седи затворен во 10м2- информира Мицковска.
И во Македонија лани во октомври јавноста се вознемири откако беа објавени повеќе фотографии д мали лавчиња, со кои позираа луѓе од Куманово и Скопје.
Тогаш од МВР соопштија дека била поднесена кривична пријава за кумановец кој чувал лавче како домашен миленик, поради сомнение за кривично дело неовластено ловење, чување и отуѓување на диви животни.
Информираа дека извршиле претрес на три локации во Куманово, но не соопштија дали ги нашле лавчињата, и што се случи со нив, односно каде се сега лоцирани.
Вики Клинчарова