Секој ден се возам со автобус. Многу често и по четири пати во денот. Иако не очекував голема навала во автобусите поради вчерашната мерка за бесплатно возење, но навистина нема разлика во гужвата, нема ниту нови фаци во автобусите. Стандард истите, а гледам улиците повторно полни со возила ко и претходни денови. Иако гледањево е субјективно, сепак не забележав ниту една зачуден лик, од оние којшто денес одлучиле да се возат со автобус, незнаејќи кој-каде автобус стои и оди. Немаше таков.
Многу е лесно да се оправдаме пред себе, да се помириме со мислата дека нема да има голем промена во квалитетот на воздухот со оваа мерка, дека џабе е и ова. Во прилог на тоа, вчера прочитав дека возилата влијаат само 10% на загадувањето и можеби мерката не е доволна да се намали истото, но е некаков старт, посебно ако погледнеме наназад кога буквално ништо не се преземаше околу тоа. Ние не може да очекуваме воздухот да се исчисти само со оваа мерка, но таа и не треба да се земе само како мерка, туку како никулец којшто ќе се всади во свеста кај луѓето, дека од нив почнува и најмалата промена. Но, вака гледано, воочувам дека најголема и најтешка мерка на која треба сите да работиме е будењето на свеста кај луѓето. Кога таа ќе се разбуди, тогаш ќе почне и индивидуалната одговорност. А само со одговорност спрема себе и најблиските кои се „задушени“ од воздухот ќе може да се надеваме дека тој некако и ќе се промени. Никако да сфатиме дека од малку може да се почне за да се оствари многу. На крајот, сепак од нас зависи, дали сме подготвени да покажеме дека имаме потенцијал за промена и волја во борбата против загадувањето. Како после да бараме повеќе, кога и тоа малку што ни го дале, не го користиме и применуваме?! Иако е рано да се заклучи, ама утрово не ветува многу за таа промена. Ниту кај свеста, ниту кај воздухот.
А, инаку кога сме веќе кај автобусите, според мене тие ти се најдобра градска работа. И кога било со пари и кога ќе биде без пари, ама кој да сфати, кој да се замара со автобус, кога кола ти е права и едина превозна опција за повеќето.