Собранието во продолжението на 130-та седница со 62 гласа „за“ го донесе Законот за управување со отпад по скратена постапка.
Со Законот за управување со отпад се забранува увоз на отпад што се користи како извор на енергија.
Предлагачи на Законот беа пратеничките на ДОМ Маја Морачанин и Лилјана Поповска.
-Со предложените законски решенија во Предлог на законот за изменување на Законот за управување со отпадот ќе се постигне поголема заштита на животната средина и пред сè на здравјето на луѓето и ќе се укине можноста за увоз на отпад кој со одредбата во постојниот закон се користи како извор на енергија, се вели во образложението на пратеничките Морачанин и Поповска.
Со новиот Закон и натаму се забранува увоз на отпад за складирање заради отстранување, и увоз на опасен отпад што е измешан со неопасен отпад или со други компоненти кои ја намалуваат штетноста и опасните карактеристики на отпадот.
Останува дозволен увоз на отпад што може безбедно да се преработи, без опасност од загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето, како и да се користи како суровина.