Изгласан законот за игри на среќа – објектите ќе мора да бидат оддалечени над 500 метри од основни и средни училишта

by Fokus

Со 55 гласови од вкупно 61 пратеник колку што имаше денеска на 140-тата собраниска седница изгласан е законот за игри на среќа и за забавните игри, предложен од македонската Влада, со европско знаменце.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред почетокот на седницата бараше овој предлог закон да биде тргнат од дневен ред, но барањето не помина.

Членови на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) на протест пред Законодавниот дом повторно го изразија својот револт од усвојувањето на законот.

Тие побараа од македонскиот претседател Стево Пендаровски да не го потпишува указот за стапување во сила на законот, затоа што, како што велат, со него ќе се затвори гранка во која има илјадници вработени, а кои со овој закон би останале без работа.

Со овој закон се предвидува објектите за игри на среќа да бидат оддалечени не помалку од 500 метри од основните и средните училишта, со цел, како што се вели во законот, заштита на младата популација од лоши и несоодветни навики за нивната возраст.

„Начинот на мерење на оддалеченоста ќе се утврди со правилник пропишан од министерот за финансии, а ќе се воведе и надзорен информациски систем за приредувачите на електронските и интернет игри на среќа, како и ќе се зголеми месечниот надоместок за лотариските и електронските игри на среќа“, пишува во законот.

Цената за една лицецна за обложувалница ќе порасне од 105.000 евра на 200.000 евра, а дополнилнително ќе се ограничи и бројот на уплатно-исплатни места на 25 со една издадена лиценца.

„За секое следно уплатно-исплатно место над 25- тото, приредувачот плаќа надоместок во износ од 10.000 евра,“ се вели во законот.

Автомат клубовите ќе плаќаат лиценца во износ од 100.000 евра што е за 22.000 евра повеќе од претходно, а лиценцата ќе биде ограничена на три деловни простории за кои автомат клубовите ќе треба да плаќаат надоместок во износ од 30.000 евра.

Поврзани новости