Со 28 гласа „за“, доцна синоќа беше изгласан буџетот на Град Скопје за наредната година вреден 114 милиони евра.
За него, и покрај кавгата со градоначалничката Данела Арсовска, гласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ, додека СДСМ не го поддржаа и на гласањето беа воздржани.
Основниот буџет на Градот ќе биде 72 милиони евра, дотации од централната власт ќе бидат 33 милиони евра, од самофинансирачки активности 5,7 милиони евра, а од донации 2,5 милиони евра.
Од локалната самоуправа информираат дека е донесен развоен буџет со социјална компонента и со мерки за домаќинско и штедливо работење на градот.
На донесувањето му претходеа расправи по голем број амандмани со кои се бараа средства за улици, монтажни паркиралишта, за социјално ранливите категории, за спортот, културата.