Изет Меџити до Ахмети: Не го гори јорганот за една болва

by fokus

Ние сме со Али Ахмети, но претседателе, не го гори јорганот за една болва, рече синоќа потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити во Студеничане, каде вчера високи функционери на ДУИ кои се дел од „огнената група“ детално ја образложија анализата на работата на извршната власт во последните две години.

-Владата на РСМ има речиси половина од министрите Албанци, држи 80 отсто од економските ресори, а сепак успева да материјализира само 2 отсто успех во албанските зони. Албански кадар раководи со Дирекцијата за патиштата, додека сите инвестиции се прават во Источна Македонија, а во албанскиот дел се прават само соништа и ветувања. Погледнете го патот за Блаце, Кичево-Охрид или Коридорот 8. Само ветувања. Реков и во Собрание, помалку фотографирање, повеќе работа, рече Меџити.

Пред присутните говореа и Блерим Беџети, организациониот секретар на ДУИ и градоначалник на општина Сарај, Муса Џафери, претседател на Надзорниот Одбор на ДУИ, Невзат Бејта, член на Централното претседателство, пратеникот Кастриот Реџепи, а присуствуваа и други функционери на ДУИ, меѓу кои и Висар Ганиу, член на Централното претседателство и градоначалник на општина Чаир.

Поврзани новости