Изедначувањето на акцизата на екстра лесното гориво со дизелот ќе демотивира понатамошни злоупотреби

by Fokus

За жал, долгоочекуваната анализата за екстра лесното гориво го потврди тоа што со години е познато, но и тоа не е доволно за преземање конкретни мерки од страна на државата.

Анализата на Министерството за финансии ги констатира злоупотребите што се прават со екстра лесното гориво со години – големата разлика во малопродажните цени помеѓу дизелот и екстра лесното мотивира одделни субјекти да го продаваат спротивно на постојните закони, односно да го користат како погонско гориво“. Сепак, тоа не е доволно за државата да собере храброст и да преземе конкретни мерки, туку само предлага сет од три мерки.

Ако се има предвид дека вонредната состојба е завршена и дека Собранието е распуштено, поради што во овој момент не може да се вршат законски измени, јасно е дека некој смислено го одолговлекува решението на овој дологодишен проблем.

Ваквата анализа без носење мерки дополнително разочарува и уште еднаш го потврдува сомнежот дека некои луѓе од државните институции одработуваат за оние кои вршат злоупотреби со екстра лесното гориво.

Како да се објасни фактот дека државата, од една страна, се задолжува со цел да обезбеди дополнителни средства во буџетот за справување со економската криза, а од друга страна не покажува интерес и решителност, преку регулација на пазарот, да ги наплати даноците кои и следуваат.

За конкретниот проблем покажаа интерес и релевантни меѓународни институции, од причина што нерешавањето на злоупотребите со екстра лесното гориво е во спротивност со европските директиви.

Изедначувањето на акцизата на екстра лесното гориво со дизелот ќе демотивира понатамошни злоупотреби, ќе придонесе за зголемен квалитет на горивото што се користи, а истовремено ќе ја заштити животната средина со промовирање и користење гориво според европските стандарди.

Поврзани новости