Министерот за здравство, Фатмир Меџити, изјави денеска дека според негови информации уапсениот анестезиолог од тетовската болница, кој беше приведен откако снимал и емитувал пациенти во живо на тик ток, се појавувал на работа под дејство на наркотици. Ова однесување на анестезиологот не било испитано и санкционирано од причина што во болницата не била формирана дисциплинска комисија.
-Јас добив непотврдена информација за претходно несовесно однесување на лекарот од Тетово, но немаше ништо запишано и претходно не била покрената никаква постапка, дисциплинска или каква било друга – изјави денеска Меџити.
Поради овој случај тој го разреши економскиот директор на тетовската болница.
Што се однесува до анестезиологот, кој е во притвор, Меџити рече дека до сега тој бил толериран од болницата. Тој најави дека лиценцата ќе му биде одземена за седум години, а откако ќе заврши судскиот процес против него, може и доживотно да остане без неа.
-Замислете, немало ниту дисциплинска комисија во таа болница. Не знам зошто. Отсега натаму во Министерството за здравство и со мојот тим, работите веќе нема вака да продолжат. Ќе се решат во ист момент проблемите и најстрого ќе се санкционираат. Поранешниот организациски директор не бил на работа кога се случило тоа и немал редовен работен однос. Веднаш го разрешив. Денес или утре ќе има нов организациски директор. Жалам што тој настан се случи – рече Меџити.