Во јуни годинава се издадени 185 одобренија за градење, што е за 23,6 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3 301 354 илјади денари, за 35,4 проенти помалку во однос на истиот месец од претходната година, објави денеска Државниот завод за статистика.
Во Скопскиот регион се издадени 43 одобренија, од кои осум во Општина Аеродром, по шест во Центар, Илинден и Петровец, пет во Чучер Сандево, три во Гази Баба, две во Бутел и по едно одобрение во Сарај и во Шуто Оризари.
За општините од Полошкиот регион се издадени 38 одобренија, Пелагонискиот 29, Вардарскиот 23, Источниот 20, Југоисточниот 14, Југозападниот 13, додека Североисточниот повторно е најмалку одобренија, односно издадени се само пет.
Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 108 (58,4 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 37(20 проценти) за објекти од нискоградба и 40 (21,6 проценти) за објекти за реконструкција. На 112 (60,5 проценти) од објектите како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 73 (39,5 проценти) инвеститори се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 400 станови со вкупна корисна површина од 35 505 метри квадратни. Најголем дел од становите, 242, се во Скопскиот регион, односно 89 се во Општина Аеродром, 82 во Општина Бутел, 52 во Општина Центар. Во Југозападниот регион ќе се градат 82 стана, од кои 80 се во Кичево, во Полошкиот 30, во Пелагонискиот 19, покажуваат податоците на ДЗС.
И покрај тоа што годишно во земјава во просек се градат околу 5.000 станови, а според Државниот завод за статистика секој трет стан во земјава е празен, растот на цените никако да сопре ниту пак има најави дека ќе се смири во догледно време.
Нема зграда во Скопје која почнува да се гради, а која не е продадена уште пред да се постават нејзините темели. Побарувачка има, посебно по завршувањето на пандемијата со коронавирусот и почнувањето на војната во Украина кое енормно ги покачи материјалите за градба.
Во последните десет години најниски цени беа забележани во 2017 година, но оттогаш почна тренд на раст на цените кој својот пик го достигна во 2022 година.
Истата година имаше голем пораст на трошоците за градење поради зголемување на цените на градежните материјали, пред се на железото и челикот кој доаѓа од Украина.
Според Ѓуро Чубриноски, прв човек на градежната фирма „Масон-Инженеринг“ и заменик претседател на Здружението на градежништво, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија, освен побарувачката која секогаш ги диктира цените, врз нивното зголемување влијаеле и други фактори како недостигот на работна рака и поскапени градежни материјали.
– Освен побарувачката која е клучна во одредувањето на цената, врз поскапувањето на квадратот влијаеше и порастот на вредноста на градежното земјиште, но и цената на работната рака поради недостигот на квалитетни работници. Имаме голем недостиг на работна рака која на големо се решава со увоз на работна сила од Турција и Непал. Се покачија и комуналните давачки, не само во Скопје туку и во сите поголеми општини каде што се гради и во проценти тоа зголемување е некаде до 50 отсто. За Скопје, посебно во општина Центар влијаеше и четиригодишниот мораториум за градба кога немаше понуда на станови – објасни Чубриноски.
Индексот на цени на станови на Народната банка покажа дека цените на становите во Скопје во четвртиот квартал од 2023 година се зголемиле за седум проценти во однос на истиот период од претходната година, а за еден процент споредено со третиот квартал што е сепак намалување во однос на 2022 година, но недоволно за да се каже дека пазарот е стабилизиран.
Во првиот квартал лани цените на становите бележаат раст од 18,8 проценти на годишно ниво, односно од 1,3 отсто на квартално ниво. Во второто тримесечие од минатата година растот на годишно ниво изнесуваше 12,9 отсто, а на квартално 1,6 отсто. Намалувањето на цените продолжи и во третиот квартал кога растот на годишно ниво беше 11 проценти, а во однос на претходниот квартал 2,9 проценти.
Претходната 2022 година, пак имаше нагорен тренд, во првиот квартал становите поскапеа за 12,4 отсто на годишно ниво, по што следеше раст од 16,6 отсто во вториот квартал, од 21,2 отсто во третиот и од 20,6 проценти во четвртиот квартал.
Последниот Попис од 2021 година покажа дека има вкупно 839.174 станови во земјава. Од нив во 531.987 станови се живее, а останатите 307.187 станови се празни, меѓу кои скоро 60.000 само во Скопје. Во истовреме, пописот покажа и дека во изминатите 20 години бројот на станови бил зголемен за дури 20,2 проценти.
Најголем дел од празните станови всушност се користат за изнајмување и според најавите од ДЗС на следниот попис ќе се покаже колку луѓе живеат во нив и по каква основа кога ќе се врзат со податоците на сопственоста.
Појавата на шпекулативните влијанија на пазарот на недвижности се должи на немањето прецизен показател за движењето на цената на становите. Народната банка ја мери цената на квартално ниво преку Индексот на цени, но тоа е изразено само во проценти, не во пари.
Индексот на цените на недвижностите кој се изготвува од страна на НБРМ се пресметува преку примерок од 16.000 станови на територијата на Скопје за кои бил објавен оглас за продажба преку агенции кои се занимаваат со промет на недвижности.
Најдобар показател за движењето цените на становите беа извештаите од регистарот на цени и закупнини што редовно на секои три месеци ги подготвуваше Агенцијата за катастар на недвижности. Во овие извештаи беа впишани детални податоци за обемот на трансакции по месеци и просечната цена на станбен простор за секоја општина посебно.
Но, веќе три години Катастарот не го објавува овој извештај, а последниот објавен на веб-страницата е за период од 2020 година. Недостасуваат извештаите од 2021 и 2022 година кога и се бележи најголем пораст на цената за станбен квадрат.
Орце Костов