Македонија ниту овој декември не доби датум за почеток на преговорите со ЕУ. Иако имаше најави и оптимизам, сепак Бугарија не го тргна ветото. Првите настапи на новиот бугарски премиер Кирил Петков ветуваа омекнување на ставовите, но сега имаме нивна надградба. Избрза ли македонскиот државен врв со оптимизмот?
Пишува: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА
Новиот бугарски премиер Кирил Петков уште пред преземање на функцијата испраќаше сигнали дека треба да се промени пристапот кон Македонија и спорот поради кој Бугарија става вето на почнување на преговорите со ЕУ.
И веднаш македонските власти се понадеваа дека ова ќе даде еден нов имплус во преговорите меѓу Македонија и Бугарија и дека конечно ќе го добиеме фамозниот датум. Па дури и уште овој декември. Но, избраа ли со оптимизмот?
14-ти декември дојде и пројде, но наместо датум, остана рампата од Бугарија. Советот на ЕУ за општи работи успеа да ги усвои заклучоците, но без конкретен датум за првата меѓувладина конференција.
Државниот советник за европски прашања при Секретаријатот за европски прашања, Драган Тилев смета дека а е добро што на 14 декември се усвоиле заклучоците, без екстремни формулации, што не беше случај минатaта година кога на крајот од 2022 година немаше заклучоци ниту за пакетот за проширување, ниту за секоја земја пооделно.
Овој пат заклучоците беа усогласени, со прилагодувања во последен момент, но Бугарија, според информациите, го приложила својот унилатерален национален став по однос на позициите за условите под кои евентуално би се дозволил почеток на пристапните преговори со нас, вели Тилев.
НАДГРАДБА НАМЕСТО ОТСТАПКИ
Да се вратиме половина месец порано. На почетокот на декември, тогаш како копретседавач на „Продолжуваме со промената” која победи на парламентарните избори во Бугарија, Кирил Петков изјави дека Бугарија треба да го преиспита пристапот кон Македонија.
Уште тогаш најави дека една од првите задачи на новиот министер за надворешни работи на Бугарија и идниот бугарски премиер е да се формираат работни групи меѓу Бугарија и Македонија кои ќе опфатат различни области, а не само историја.
Овие изјави наидоа на одобрување кај македонскиот државен врв, кој уште еднаш се понадева дека конечно ќе го обезбеди датумот за старт на преговорите.
Откако стана премиер, Петков даде и конкретен рок: шест месеци за решавање на спорот. Но, по преземањето на функцијата, како да почна да ретерира.
Во едно интервју за бугарска телевизија, Петков објасни дека не станува збор за процес на отстапки, туку за процес на надградба и дека Бугарија ќе ја надгради својата позиција со дополнителни работни групи.
Прашањето за спорот со Македонија е вклучен и во коалицискиот договор на партнерите во новата бугарска влада. Договорот е долг околу 140 страници, а само половина страница се однесува на Македонија.
ДЕВЕТ НОВИ БУГАРСКИ ТОЧКИ ЗА МАКЕДОНИЈА
Според коалицискиот договор, главната цел е „зачувување на единствената положба на Бугарија во однос на Република Северна Македонија и надградба во конструктивен дух“. А, единствената положба на Бугарија е Декларацијата која е усвоена во бугарскиот парламент.
А, според таа Декларација, Бугарија не признава постоење на македонски јазик, бара бришење на „бугарскиот фашистички окупатор“ и ја обвинува Македонија за фалсификување на историјата.
Освен зачувување на овој единствен став, коалицискиот договор предлага и „надградба во конструктивен дух“ во девет точки:
-
Да се активира работата на билатералните комисии предвидени во Договор за пријателство, добрососедство и соработка, преку календар за месечни состаноци
-
Формирање деловни/бизнис комисии
-
Посилна соработка во областа на транспортот (директен воздушен транспорт)
-
Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовните прашања на Бугарија и Северна Македонија да продолжи да работи
-
Бугарија очекува властите на РСМ да гарантираат трајна заштита од дискриминација и еднакви права на македонските граѓани со бугарска самосвест како составен дел на европските вредности
-
Размена на архиви од периодот 1944-1991 година со цел рехабилитација жртви на репресија
-
Активирање на јавната дипломатија како алатка
-
Одржување на широк консензус за бугарската политика
-
Поддршка на интеграцијата на PCM во ЕУ преку употреба на бугарскиот технички капацитет
БУГАРСКИТЕ УСЛОВУВАЊА БЕНЧМАРК ЗА МАКЕДОНИЈА?
Бугарија отиде и чекор понатаму и до Советот на ЕУ испрати посебна изјава со која бара нејзините барања во однос на историјата и се останато да станат дел од преговарачката рамка.
Во изјавата Бугарија најавува условување со контроверзните историски ликови, со олеснување на бугарските инвестиции во Македонија, Коридорот 8, и прекин за барањето за признавање на „македонско малцинство“ во Бугарија кое таа го смета за неосновано. Во документот Софија споменува „говор на омраза“ против бугарски граѓани во Македонија.
Кога, и доколку, започнат преговорите со ЕУ, Бугарија ќе инсистира на овие бројни услови и за затворање на поглавјата и кластерите.
Државниот советник Тилев смета дека бугарските позиции, барем во документот, не отстапуваат од познатите барања опишани во нивната Декларација усвоена од бугарското Собрание во 2019 година.
Едно од клучните барања на Бугарија, како што е познато, е нашите отворени билатерални прашања да станат составен дел од Преговарачката рамка која треба едногласно да се усвои до страна на Советот на ЕУ и да се потврди од Европскиот Совет, пред отворањето на нашата Прва Меѓувладина конференција.
Преговарачката рамка ја утврдуваат со едногласност само земјите членки на ЕУ, односно ние не сме дел од тие преговори. За сега, таква едногласност во полза на бугарските барања, нема, вели Тилев.
Тој смета дека бидејќи се работи за барања од политичка природа, вклучително и околу историските аспекти, за кои ние и сите други земји членки на ЕУ сметаат дека се ирационални и неиздржани, истите не треба да станат дел од Преговарачката рамка.
Ние може да имаме разлики меѓу себе, како што имаат разлики меѓу нив и многу други земји членки на ЕУ, но клучно е двете страни да покажат зрелост со прифаќање на тие разлики. Мора заедно да продолжиме со интегративните процеси, како членки и сојузници на НАТО, и како идни членки и партнери во Европската Унија, вели Тилев.
Освен ова, бугарскиот претседател Румен Радев на средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изнесе и дополнително барање: Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Република Македонија и Препсанскиот договор меѓу Грција и Македонија да бидат вклучени во преговарачката рамка за членство на Македонија во ЕУ.
По се изгледа дека оптимизмот на македонскиот државен врв беше неоснован и избрзан. Новиот бугарски премиер ги надградува и проширува барањата на Бугарија заедно со претседателот Радев. А, датумот за почеток на преговорите со ЕУ засега ќе остане само синоним за потсмев: ако не го добиеме оваа среда, можеби ќе го добиеме следниот петок.