Избрканите професори реагираат: Менаџментот на УГД да прекине да манипулира

by Fokus

По соопштението од штипскиот Универзитет дека професорите треба да прекинат со штрајкот со глад и на тој начин да прекинат да вршат притисок врз институциите, веднаш со реакција излегоа тројцата избркани професори. Тие сметаат дека соопштението на УГД е уште еден обид да бидат изманипулирани и тие и јавноста.

– Имено, ДПИ наведува дека УГД треба да постапи во рок од 8 дена од добивањето на Решението на ДПИ, и дека УГД треба да ја заврши постапката за наш избор во повисоко звање во законскиот рок – што во нашиот случај е 2-ри август! Со ваквото Решение, Универзитетот тенденциозно не’ впушта во долг и манипулативен процес, преку злоупотреба и непочитување на Решенијата на ДПИ, да се пролонгира постапката после 2 август, што всушност значи повторно распишување на нови конкурси. Со тоа, не по наша вина, се попречува правото на професионален развој и бенефициите од таквото право – се наведува во соопштението од професорите.

Според нив, нивниот штрајк не е со цел да вршат притисок врз надлежните институции, туку да искажат револт на  противуставното, незаконито, самоволно работење на менаџментот на факултетот, со кое се кршат нивните права на професионален и научен развој во кариерата согласно позитивните законски прописи.

– Сосема нејасно е чии интереси на засегнати страни се загрозени со нашето  штрајкување со глад, односно со користењето на ваквото демократско право ние ги штитиме нашите уставно и законски загарантирани права. Го молиме менаџментот на Универзитетот да се произнесе чиј беше интересот да се доведе во прашање нашето работно место и правото на професионален развој во кариерата – се наведува во соопштението.

 

 

 

Поврзани новости