Избришано е видеото со Ахмети во униформа на УЧК

by Фокус

Избришано е военото видео на Али Ахмети со сцени од 2001 кое масовно го споделуваше членството на ДУИ. На снимката се гледаше лидерот на партијата облечен во униформа на УЧК, а вели дека и никогаш не изгубил војна.

За ДУИ, снимката не е спорна. Го прикажувала животот на Ахмети. Негираат дека видеото е провокација. Сепак, доцна синоќа, исчезна од интернет просторот.

-Тоа е реалност, биографијата на нашиот лидер Али Ахмети. Тоа не може да се контекстира – изјави Рина Ајдари, ДУИ.

Опозициската СДСМ го повика Ахмети да излезе од националистичкиот филм. Намерните етнички провокации, велат дека се неприфатливи.

-Реториката за постојано подгревање на етничките тензии како алатка за политичко делување се неприфатливи и опасни за земјата. Таквите политики и спотови со воени опреми се несоодветни провокации за кои дефинитивно нема место во нашето општество – вели Богданка Кузевска, портпарол на СДСМ.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, пак, смета дека видеото е само обид за дефокусирање.

-Кога некој е кабает, и тоа голем кабает, нормално дека ќе пробува да дефокусира, да измислува теми коишто не се тема, да наметнува прашања коишто се затворени многу одамна во нашата Македонија. Така што ова само би оценил како еден неуспешен обид за дефокусирање на јавноста од она што е реалност, а реалност е дека заврши времето на како досега кога секој еден којшто се огрешил ќе треба да се соочи со правдата – изјави тој.

Видеото со Ахмети изминатите денови преку фејсбук масовно го споделуваа членови, функционери и ограноци на ДУИ.

Поврзани новости